НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Активности и ПРЕС

Предлог на Движењето за нова република: Додека сите бегаат од Преамбулата, да најдеме нулта точка на консензус. На пр со донесување на нов грб

20 февруари 2023·Ивон Величковски
Додека сите "купуваат време" за "мултилатерална партиска компензација" како услов за уставните промени, корисно е да се понуди странична точка на почетен консензус
На пример, низ замена на грбот на социјалистичка/ ПЈР Македонија со обележје на Македонците и на нацијата на самостојна, суверена, европска и евроатланска (Северна) Македонија.
За тоа веќе 9 години постои официјално идејно решение во кое, според тогашните образложенија, се одразени спецификите на граѓаните и традициите на државата.
Усвоено од Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ - тоа до денес не е оспорено ни политички ни етнички ни хералдички ниту од СДСМ или од друга партија.
Ако тогаш предлогот бил неспорен за сите, но не стигнал на дневен ред во Собранието, нема да биде спорен ниту сега, нели?
Ако е потребно достилизирање, куса консултација со хералдичарите брзо ќе формализира квалитетен дополнет предлог.
Освен Владата, предлог за нов грб може да поднесат Претседателот на Републиката или минумум 20 пратеници. Сите тие доаѓаат од партиите кои се застапени во Собранието и тогаш и денес. Предлог од сите пратенички групи би бил идеална вест.
Нултата точка - консензус по едно, отвора простор за консензус по другите прашања во кои, сега за сега, сите се во своите ровови.
Деидеологизирањето на националниот симбол со консензус така би бил појдовна точка на:
- Деидеологизирање на државната политика и
- Ослободување на партискиот наратив од досегашните оптеретувања во прашањата на националната политика.
Оставајќи го социјалистичкиот грб во историјата, да создаваме историја на модерната држава од 21 век, почитувајќи си ги историските традиции.
Во моментот само Македонија и Белорусија ги имаат задржано социјалистичките грбови. Секој дополнителен коментар е излишен.
А бидејќи оваа и следната година граѓаните ги менуваат личните документи, новиот грб би се нашол на нив без дополнителни трошоци по личниот буџет.
Кусо речено, можеме сите промислено и целно да направиме нешто добро и корисно. За промена.