НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: "Афтер-шок" или "Афтер-парти" по писанијата на Никола Груевски, со кои фактички отвора пат за вклучување на ВМРО-ДПМНЕ во уставните измени

24 февруари 2023·Ивон Величковски
Молкот по објавите на екс-премиерот/екс-лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во кои го "рехабилитира" Ванчо Михаилов не е случаен.
Напротив, молкот треба да обезбеди отстапница од "тврдите" позиции и признавање на Преспанскиот и Софискиот договор.
Негова отстапница и, преку неа, на Мицкоски и раководството и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Отстапница најавена со релативизација на придавката во името на Северна Македонија.
Со што се согласува дека северномакедонскиот национален идентитет (на граѓаните на Северна Македонија) не го нарушува идентитетот на Македонците (и сите други). Накратко: "Никогаш Северна" останува играчка за апасиевци и сличните орбитери на Белата палата.
"Рехабилитирајќи" го Михаилов, по Георгиевски и Мицкоски - и Груевски јавно го прифаќа неговиот континуитет.
Со тоа сите претседатели на ВМРО-ДПМНЕ признаваат дека "ВМРО" во "ДПМНЕ" подразбира континуитет на сите внатрешни разлики во самата историска организација.
И, оттука, во историјата на македонскиот народ.
Но, пораката е трозначна оти со неа ВМРО-ДПМНЕ:
1. Прифаќа дека партијата не може да го попречува т.н. "четврти пакет" прашања пред Мешовитата историска комисија и самата работа на Комисијата.
2. Најавува дека треба да размисли дали воопшто треба да го чува "ВМРО" во името и, со тоа, историската врска со организацијата, и последично
3. Го предизвикува СДСМ - дали има смисла да држи историски континуитет со Сојузот на комунистите.
Всушност триве прашања остануваат гор(ч)ливи за обете партии од македонската политика во ХХ век оти по нив одговараат дали се подготвени:
- да одат во историја или
- да градат деидеологизирана, а модерна и функционална држава во XXI век низ владеење на правото и институциите...
...деидеологизирајќи ја македонската историја за суштинска евро-интеграција на народот и нацијата.
Секако, (не)очекуваното отворање на овие прашања од Груевски е дел од репозиционирањето на и во неговата партија:
- Низ внатрешна диференцијација (меѓу неговата прагма и гротескната езотеријата на Иванов и нему сличните академски "опаковки").
- За продолжување или прекин на произведената блокада на Мицкоски од разните левици, десници и сличните службењачки проекти поради претходното неискуство, калкулантство и/или нерешителност.
Според молкот по напишаното од Груевски, во тек се "афтер-шокови" и во опозицијата и во власта и меѓу медиумите/опинионистите.
Дали од тоа ќе следуваат една или повеќе "Афтер-парти(и)" - си знаат тој и неговите:
Според тоа дали ќе јасно се репозиционираат низ фактичкото прифаќање на Софискиот договор и "францускиот предлог" со поддршка на дополнувањето на Преамбулата или ќе жалат за пропуштената шанса.
Државата, граѓаните воопшто и македонскиот народ, пак, шансата ниту ќе ја пропуштат ниту имаат луксуз да ја пропуштат.
Останатото е прашање на техника.