Став на Движењето за нова република: Партиите и институциите да се произнесат за контрапродуктивноста на формирањето етничка Заедница на (српски) општини во Косово
26 февруари 2023·Ивон Величковски

Денешните последични партиски реакции по ехото на проектот за етно-заедница во унитарно и граѓанско Косово, затоа, се само "гасење шумски пожар со чаша вода".
На 30 јануари повикавме: "...Да се охрабрат Ковачевски и/или Османи да соопштат... дека заедница согласно Уставот на Косово и без етнички предзнак е едно, а заедница на етнички општини во Косово денес е вовед во исти заедници по етничка основа во Македонија, Србија, Црна Гора... Односно на по една "Република Српска" во секоја од земјите на Западниот Балкан. А потоа и низ целиот Балкан."
На опасноста од преседанот дизајниран како "едноставно решение" од Стејт департментот во мандатот на Трамп - со кое "нешто ќе и се даде на Србија" - укажаа и функционери и аналитичари и од Црна Гора и од Србија и од БиХ... и од САД.
Со "главата во песок" и поддржани од медиумскиот молк, нашата Влада, Претседател и опозиција се понадеваа дека "купија време".
Затоа сега партиите кај нас само предвидливо регираат по ставот на ААА.
Најавен како последична иницијатива и од Меџити уште минатата седмица.
Но за иницијатива за етно-заедница на општини месецов веќе се зборува и на југот на Србија, а може само да замислиме колку "заедници на општини" во регионот би никнале ширум Македонија, Србија, Црна Гора... И не само како "албански".
Единствена корист од ваквата "сензибилизација" на темата може да има во фактот што таа треба да води кон постигнување одржливо решение меѓу државите Србија и Косово, за што треба да послужи средбата Вучиќ-Курти во Брисел претстојнава недела.
Оттука, повикот до Владата останува: да предупреди на опасноста од етно-принципот на ЗСО како подривање на граѓанскиот концепт во унитарните земји од регионот вклучително Македонија.
И на тој начин да помогне во постигнувањето конечен и одржлив договор меѓу своите два соседи Србија и Косово, придонесувајќи кон својата, регионалната и континенталната стабилност.
За жал, според досегашните перформанси, ваков повик до Претседателот или до опозицијата веќе е излишен.