НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: Молкот по пораките на "Гробарите" и неподготвеноста на Скопје за промените во Србија

2 март 2023·Ивон Величковски
Со мали исклучоци, "јавноста" пригодно ги премолча пораките на Партизановите навивачи дека "Гоце Делчев е Бугарин" и "Македонија е Стара Србија", чекајќи инфото да оди во "стари вести".
Праксата навивачките групи низ Балканот да се инвентар од подрумите на (старите) служби и во овој случај требаше да остане во фајлот на Проектирано игнорирање за заборавање.
Во тој фајл лани завршија индициите дека такви (странски) "навивачки групи" учествуваа во протестите во Скопје.
Претходно во фајлот се оставени и разните путинистички мрежи на "Ноќни волци", пара-школи за боречки вештини, јога-православни и слични неформални групи, собири и нво-и. Таквите 'романтични панслависти, антички југословени, доларски путинисти"... се со мисија на оправдување на агресивноста на Русија кон (овој дел од) Европа.
Нивното игнорирање е погрешно оти ќе бидат принудени да не мируваат од БиХ, преку Црна Гора и Србија до Косово и Македонија.
Косовското и македонското прашање се поврзани
Пораките на "Гробарите", сепак, не се нови. Во дебати низ српските медиуми "Косово е срцето на Србија" , а "Македонија е Стара Србија" веќе со месеци. Паралелно со проблематизирање на "сопственоста" на црквите во двете земји. Како и во Црна Гора.
Тие пораки ги испраќа дел од српската опозиција спротивставен на постигнувањето решение меѓу Србија и Косово. Поинтензивно откако Кремљ најави дека "ќе го брани српскиот интерес во Косово" - без тоа да го бара Србија.
Но овој речник изби и во дел од она што се подразбираше како "модерна", "прозападна" опозиција и нејзини блиски медиуми.
Со ланското интервју за "Сител", поддржувајќи го "францускиот предлог", Вучиќ на Скопје му најави дека Белград се враќа на "србијанска" (како) политика (на државата Србија) на уредување на односите меѓу државите - според меѓународно право, а не меѓу народите - според митови и легенди.
Според кои Белград од 1913, преку 1918-41 до 1945 и по 1992 ги третира(ше) и Македонија и Косово (и Ц.Гора и БиХ).
Од тој момент Белград означи дека ја напушта политиката на "српски свет" како балканска верзија на "рускиот" и - стана проблематичен за Москва. Тоа го остави
Старо Скопје без инструкции
Неразбирајќи го моментот - и Владата и опозицијата и нивните медиуми до сега пропуштија да овозможат овие процеси во Србија да бидат видени и разбрани во Македонија и поддржани во духот на добрососедство, евроатланско сојузништво и регионална одговорност.
1. Лани со нерешителноста околу "францускиот предлог", сега околу дополнувањето на Преамбулата.
2. Тековно,, со премолчување на непринципиелноста на обидот за инсталирање етно-заедница на општини во Косово што би произвела слични ширум З.Балкан. За почеток.
3. Со игнорирање на размерот на потресот во српското општество предизвикан со промената на ориентацијата - од "српски свет" на југо-православното единство за префрлање кризи во опкружувањето кон "србијанство" како политика на интересите на граѓаните на европска држава Србија. И, со тоа,
4. Со премолчувањето дека Скопје, како и Приштина (а и Подгорица и Сараево) се редовна цел за вовлекување во проблем наменет за одржување на старите бизнис-медиа-партиски инсталации и, преку нив, влијанија.
Не чекајте инструкции од "стариот, добар" Белград.
И не го чекајте отворањето на досиејата за да разберете дека тој Белград, на кој дел македонски политичари и американски дипломати се сеќаваат со носталгија - е променет.