Величковски: Охридскиот преговарачки маратон викендов на ова и вакво политичко Скопје му покажа колку е небитно и надминато од времето
21 март 2023·Ивон Величковски

Со договореното меѓу Вучиќ и Курти:
1. Механизмите на нормализација на односите меѓу Косово и Србија значат меѓудржавни односи. Со тоа
2. Завршуваат партиските јавности во Белград и Приштина произведени од Газиместан наваму.
3. Косово не му припаѓа на "српскиот свет", со свест на Белград и гаранции од Брисел и Вашингтон.
На тој начин југословенската криза се затвора таму каде и започна (и пред) 1980-тите: во Белград.
Со уредени односи Косово-Србија, скопскиот естаблишмент станува вишок за "газдите" од Белград и губи смисол на постоењето - закочена Македонија веќе никому не му е потребна.
Со одржувањето на средбата токму во Охрид, како држава, нација и народ и ние добивме три пораки:
1. Имаме значење кога преземаме одговорност за опкружувањето свесни дека со тоа сме одговорни и за себе.
2. ЕУ и САД се посветени на регионот и од таа посветеност не сме имале штета и
3. Колку и да ги одложуваме тешките одлуки - ќе ги донесеме затоа што нам ни се од интерес.
Трета шанса за (Северна) Македонија
Првата шанса за регионален и сојузнички придонес Скопје тивко ја доби (и пропушти) при Кумановскиот договор 1999.
Втората шанса Скопје свесно ја пропушти по 2002, со формалистичкиот пристап кон Рамковниот договор: наместо со примена да го претвори во извозен "модел" на функционалност.
Третата шанса, затоа, не ми се дава на Скопје туку на Македонците и нацијата на Северна Македонија.
Охрид беше илустрација како во лидерски манир и тактичност:
- Вучиќ го одрази пулсот на Србија заморена од бранење кремлински митови,
- Курти го одрази пулсот на Косово - држава со стандарди водена од Приштина, а не покраина за поткусурување меѓу Белград и Тирана.
- Се спојуваат национални интереси со регионална визија низ европски и транс-атлански ангажман.
Пораката до нас е: Македонците и нацијата да си лоцираат лидери доследни на стратешките цели и државните обврски.
Оти тековните политичари се добри само за средби по маала или за вратари/кетеринг додека лидерите заседаваат.
Време е јавно да се постави прашањето што лебди особено меѓу Македонците: Ако за вакви тешки прашања преземаа одговорност, пред колку време Вучиќ или Курти веќе ќе ги имаа поминато уставните измени за кои ние правиме драма цела година?
Свест ни е потребна: Дека со завршувањето на преземените обврски правиме добро и за нас и за опкружувањето.
Потоа и храброст на нашите политичари, со свој пример и добронамерност да ги поддржат политиките во соседството за решавање на тешките прашања во интерес на регионот.
Тоа е смислата на државништвото и осетот на регионалната суштественост што се очекува од (политичарите од) Северна Македонија.
А особено на испит се политичарите Македонци.