НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: Македонија - недостатокот на систем заради немање национална цел

7 април 2023·Ивон Величковски
Точно констатираме дека Македонија нема систем, па судството, економијата, политиката, образованието... ни се во слободен пад. Но за да ја поправиме состојбата, потребна ни е дијагнозата зошто сме дојдени до тука и како да ја надминеме.
За почеток, да прифатиме дека "порано имало ред".
Редот го чуваат институциите според законите.
Законите го одразуваат моралот на општеството и ги штитат личните и колективните права и интереси на граѓаните и заедницата (локална и национална), вклучително финансиското уредување.
До транзицијата, редот низ ова уредување беше темелен на целите на нацијата: "самоуправна економија" (префрлање од шупливо во празно), "братство и единство" (по сите војни - обично средство за етничка надмоќ) и "социјалистичка револуција" (идеолошко покритие за монопол на елитата врз власта и моќта)
Ова уредување геополитички беше спакувано на политиката на "неврзаност" на (СРМ во) СФРЈ.
Македонската парто-политичка сцена неподготвена за геополитичките промени, беше затечена од независноста 1991/92.
Затоа само ја потроши инерцијата низ транзицијата кон поредок за потребите на своите службењачки олигархии.
Нормално, обидот истите ликови и "нивните деца" денес повторно да воспоставуваат поредок е неуспешен - тој што не научил да вози велосипед, сигурно не ќе вози моторцикл, нели?
За да не губиме нови 30 години, да се соочиме дека:
- Денес не ги живееме последиците на промената на околностите, туку од недостатокот на национална цел во променетите околности.
- Не можеме да изградиме национални цели доколку не согледаме дека имаме место во новите геополитички околности што самите свесно сме си го избрале.
Од тука натаму - од нас зависи.
Штом тоа го прифатиме како народ и нација, ќе не охрабри и фактот дека како ретко кога во историјата - седиме на масата наместо да сме мени на трпезата.
Тоа ќе ни разјасни дека нихилизмот и дефетизмот ни се подметнувања од оние кои како народ и нација не проектирале во "оброк за големите".
Така полесно ќе ги идентификуваме:
- "спијачите" на руската пропаганда кои како се исцрпуваат од агресијата врз Украина, така ќе мора се повеќе да го засилат темпото на нарацијата "ова е крај", "отидена е државата" - за да пробаат да го префрлат немирот (и) во ЈИЕ, од Бугарија и Молдавија до Црна Гора и Македонија.
- утилитаристите на евро-атлантизмот кои се "прозападни" само ако се на функција и ако течат грантовите по цена на корупција.
За обете групации целта се моќта, јавните пари и институциите, а не нацијата и нејзините цели.
Едноставно, општествата и нацијата на Северна Македонија имаат за цел просперитет, слобода и безбедност низ систем геополитички припаѓа кон Европа.
Тоа е изворот на спротивставеноста на нацијата кон (до)сегашните партии - оти тие не се водат од националната цел и геостратешката припадност на нацијата, туку од наследената рутина во економијата, политичкиот систем, одбраната...
И затоа се бараат лидери и политички организации подготвени да влезат во пресметка и со спијачите и со утилитаристите - за националните интереси.
Врз основа на европската и евро-атланската геополитичка ориентација на нацијата на Северна Македонија и на македонскиот народ во неа.