НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Празниците се време и за одбележување и за славење и за одмор. Во затишјето меѓу Велигден и Рамазан Бајрам, време е и за рефлексија.

15 април 2023·Ивон Величковски
Сакаме одржлива држава, но тоа е неможно без функционален систем. А функционалниот систем е заснован на политика - не на партиско месијанство туку на три елементи:
- идеја и цел,
- луѓе способни да поведат и да ги реализираат и
- решеност тие да бидат поддржани.
Во нивен недостиг, емигрирањето од Македонија веќе не е економско, туку е бегство во систем каде работиш и не молиш за своето по партиски штабови.
Ништењето на овие три елементи произведоа "апатија" за од системот на политичко Скопје и натаму да зависи се: од економија и финансии до јазик и идентитет...
Тоа исто политичко Скопје што ја пропадна економијата и го уфрли македонскиот идентитет во спорот со Грција уште во 1990-тите.
Затоа идентитетот не е тема на Македонците, туку на ваквите партии и нивните финансиери.
За мојот идентитет не прашувам за дозвола, ниту некому му го оспорувам неговиот.
Додека брани име, идентитет, јазик... политичко Скопје ни потпикнува дух на дефетизам, за да не се следи како фрчат приватизации, тендери и коруптивно се профитира од наши пари. Твои и мои.
Од Рамковниот, преку Софискиот до Преспанскиот, договорите ја вратија (Северна) Македонија во неспорна држава на рамноправни граѓани.
Во неа македонскиот народ се потврдува и себе и својата конститутивност: во своја држава како врвно достигнување на еден идентитет и посебност. Заедно со сите во Македонија. Рамноправно и во регионот и на континентот и пошироко.
Чепкањето во овие договори, затоа, е само дневна потреба во која оној (од власта и опозицијата сеедно) што замислува дека поставува "политичка стапица" - паѓа во неа и не вовлекува сите.
Користењето на можностите од овие договори, пак, е национална политика.
Држава се гради и чува секој ден. Договорите се инструмент во таа функција.
Доста робуваме на стравови: Од 1963 до 1974, Уставот на СРМ зборува за конститутивност само на "народот на Македонија".
А тоа е период на прогласување автокефалност на МПЦ, на формирање МАНУ, на издавањето на речникот на македонскиот јазик, на процут на нашите научни и високообразовни институции, на индустријализација на Македонија.
Од 1991 и македонскиот и деловите од другите народи што живеат во Македонија се во Уставот.
Универзитети имаме на кило, а младите ни се функционално неписмени, издадовме Енциклопедија во која баравме антички корени, а за европска иднина се иселуваме во Германија, фабриките ги заменивме со кладилници, а земјоделството со марихуана.
Ова е најкусата илустрација дека ние, Македонците просперираме кога манифестираме стаменост низ систем што гарантира рамноправност и, со тоа, конкурентност на сите во Македонија.
Затоа, штом "пукне балонот" на лажните стравови, да се вратиме на борба против митото и корупцијата и на борбата за добра економија, здравство, финансии, економија, образование, безбедност... во функционален систем.
Низ отфрлање на партиите и луѓето што не потонаа и низ поддршка на луѓето и политиките што ќе не вратат на површината.
И до и за време и по изборите, кога и да се случат.