Величковски: Македонците се за решенија, македонските политичари се за демагогија
6 мај 2023·Ивон Величковски

Следејќи ги настапите на поранешните владини министри со амбиции за "трета шанса", се забележува нивната тешка, на моменти неповрзано мисла и недостатокот на поента и решение.
Рамката на пораките на актуелните министри и оние во "сенка" е тековна - тие зависат од (до)сегашната партиска политика и пракса.
Затоа и се само континуитет на тековни проекти или проекции на точки на следната кампања.
Но загрижува недостатокот на нов импулс.
Недостаток отсликан во грчевитиот обид за држење на преџвакани теми и ликови во етерот - за одржување на застојот.
Неделава дебатичките и интервјуата на тинк-тенк пензионерите и wannabe граѓанистите потсетуваат на концертите на Цеца: "естрадните ѕвезди" што во 2003 полнеа стадиони, во 2023 може само да фатат некоја "тезга".
Вкусот за музиката е сменет, на изненадување на спонзорите кои одамна изгубиле допир со публиката
Толку од "Јас тебе војводо, ти мене сердаре"
Неуспешниот обид за повторен фокус и нова "аура" на познатите ликови се гледа во игнорирањето на жалопојките на овие остарени системски деца и нивните поддржувачи.
Дури и (нивните домаќини по) медиумите го губат трпението соочени со падот на својата релевантност кога трошат простор за недоречено правдање што требало да се стори кога токму тие - одлучувале.
Прво надежни младинци, потоа "лепушкасти" советници, амбасадори, министри... така едно два-триесет години несимнати од проекти и државни плати - сега разочарани од тоа што било направено додека тие биле функционери.
Ви текнува на старата приказна за земјоделецот што макотрпно собирал пари и го испратил разгалениот син да учи за медицина во далечен град?
По долго време барање се повеќе пари и фалење дека учи, таткото се посомневал дека од синот доктор не станува, па ненадејно го посетил:
- Како оди учењето? - прашал таткото.
- Одлично, најдобар сум во класот - лажел синот.
- Да ги видам оценките тогаш - продолжил таткото.
- На училиште ги чуваат - се извлекувал синот.
- Аха, добро. А латински јазик учиш ли сине?.
- Да, тато, одлично го знам.
- Па како се вика "мотика" на латински?
- "Мотикандус" - синот брзо смислил "кованица".
- А "рамо" сине?
- "Рамендус" тато.
- "Нива" сине како се вели на латински?
- "Нивус" тато...? - запелтечил синот.
- Е па ајде синко ајде ти "Мотикандус" на "Рамендус" и правец на "Нивус" со мене - заклучил таткото.
Време е на ваквите демагози и "експерти" - да им го прекинеме "школувањево" на наш грб и време.
Оти нивните родители експериментираа со нашите, а тие со нас. Затоа што им дозволуваме.