Ден на победата (во Европа): Нема антифашизам без антиавторитаризам и антитоталитаризам, т.е. нема антифашизам и без антикомунизам
9 мај 2023·Ивон Величковски

Денес го одбележуваме денот на ослободувањето на целиот континент од нацистичкиот и фашистичкиот терор во Европа.
Притоа се сеќаваме на цивилите - жртви на прогон поради својата припадност по раѓање.
На припадниците на движењата на отпорот ширум Континентот кои на агресијата одговориле со борба по цена на својот живот.
Како и на припадниците на сојузничките армии коишто од Варшава и Данкерк преку Ел Аламејн, Курск... до Салерно и Нормандија ги истиснуваат нацистичките војски и режими до безусловна капитулација.
Но, денес се сеќаваме и на втората победа на Европа по онаа над нацизмот и фашизмот: победата над авторитаризмот и тоталитаризмот на континентот..
Економски и инфраструктурно Европа се обновува со голема американска помош, преку Маршаловиот план и се заштитува низ одбранбениот чадор на евро-атланскиот договор.
Во таа Европа на пазарни економии и парламентарни демократии настана ЕЕЗ која ги надживеа и последните диктатори и хунти од Пиринеите до Балканот.
Таа Европа конечно ги интегрираше во себе народите од Балтикот до Црното и Јадранското море по 4 децении тоталитарна советска окупација.
И таа Европа како наднационална Унија денес се соочува со предизвикот на ова време - да ја одбрани својата следна природна членка - Украина - од путинистичката агресија, новата форма на тоталитаризмот што тропа на европски врати.
Како и пред еден век, примирување со насилството на Европа може да и донесе само нови страдања.
Како и пред половина век - ризикот од железна завеса од Балтикот до Јадранот постои се додека Западниот Балкан, Молдавија, Украина... се изложени на постсоветскиот империјализам..
За пресретнување на овие ризици, денес треба да се демаскираат затскриените форми на оправдување на тоталитаризмот.
Тука предничи демагогизацијата на антифашизмот за оправдување на комунистичката диктатура.
Оваа омилена форма на дејствување на кремлинските "спијачи" генерално служи за оправдување на руската агресија врз Украина.
Нивната основна лична цел е враќање на идеологизацијата на општествата во состојбата од пред 1990. И на нивните привилегии до тогаш.