Мицкоски знае дека уставни измени со одложено важење значат одлагање на пристапните преговори на Македонија
12 јуни 2023·Ивон Величковски

Затоа се соочува со прашањето зошто ја проектира ВМРО-ДПМНЕ во сопирач на македонските евроинтеграции.
И што подолго ја тормози нацијата, толку повеќе ќе запаѓа во контрадикторности:
1. Неговата партија во Велес немаше проблем да направи коалиција со ДУИ. Истата ДУИ со која не сака да е во влада.
Значи не е до ДУИ туку до отстапница од минатогодишното поведение при усвојувањето на "францускиот предлог". По кој ВМРО-ДПМНЕ и не гласаше.
2. Меѓународните документи усвоени од Собранието / Владата се државни, а не партиски. Преземените обврски во нив се таксативни. Вклучително уставното дополнување кое е експлицитно и без "одложена примена".
Очигледно деталноста на "францускиот предлог" била токму за пресретнување на "килавењата" на југо-македонистичкиот правен-нво-медиумски картел кој сега е концентриран околу Белата палата.
Овој метод прво беше применет во Преспанскиот договор.
Oh wait, па ВМРО-ДПМНЕ веќе и не зборува дека би ги репреговарало или дека би ги раскинало договорите...?!
3. Наметнувајќи услов "ДУИ вон Владата" Мицкоски свесно предизвика "партиите на Албанците" да им понудат на "партиите на Македонците" сами да направат Влада.
Но тогаш таа не е национална, туку етничка. А штом во мултиетничка држава има една етничка влада... тоа нема да биде единствена влада.
Проектирајќи потрага по свој "Сејдо Бајрамовиќ", непотребно ја позиционира ВМРО-ДПМНЕ во креатор на подлабок јаз - веќе не само меѓу Македонците.
4. Разбирлив е обидот и на власта и на дипломатите во Скопје да му овозможат на ВМРО-ДПМНЕ меко приземјување од едногодишниот "лет во место".
Коректен е кон партијата што повеќе од половина од независноста ја водела владата и со тоа - интеграциите.
Но не е оправдан ако е бесконечен или втемелен на преседани.
Како оној со "закон за преговори со ЕУ".
Ковачевски, Мицкоски, Ахмети, Таравари... Агелер, Гир... секако знаат дека за соодветно форматирање на работата на Националниот совет за евроинтеграции потребно е адаптирање на деловниците на Собранието и Владата.
А со ад-хок законското решение се создава само парамеханизам за кочење на преговарачкиот процес според дневно-партиските потреби.
5. Истото се однесува на одмолчувањето на непријатното во тезата дека ова Собрание нема мандат за уставни измени: А кое Собрание по 1990 имаше таков политички мандат?
На страна што уставно-правната пракса на НРМ, СРМ, РМ и РСМ не познава уставотворно Собрание и секое Собрание од 1946 до денес има(ло) овластување во пропишана процедура да пристапи кон уставни измени.
Низ таа призма, парадоксалното е што пратениците кои се кандидирале со програма за поддршка на македонските ЕУ-интеграции (вклучително од ВМРО-ДПМНЕ) сносат политичка одговорност доколку го попречуваат процесот - во случајов, со попречување на уставните измени.
6. Следствено, во моментот само се исцрта внатрешната поделба на две основни политички групации распоредени во партиите - една за (Северна) Македонија кон ЕУ и една за Република Македонска на граница со Европа.
7. Конечно, ниту опозицијата може да поставува невозможни услови ниту владата има простор за триумфализам.
А доколку Ѓорге Иванов се уште не тераше трет мандат, процесот секако ќе изгледаше поинаку.