Величковски: Земја што е во самоизолација 30 години не може допрва да се соочи изолација!
13 јули 2023·Ивон Величковски

Затоа, пораката на средноевропската "тројка" е "предипломатска", но корисна за вистинските теми. За почеток, дали сме подготвени да си жртвуваме уште 30 години во име на корумпирани политичари и предрасуди градени за туѓи потреби?
Одговорот на граѓаните воопшто и на Македонците конкретно е "Не". Одговорот на партиите е спротивен. Оти за нас ЕУ е цел, а за нив - опасност. За илустрација, само потсетете се на анкетите: Уставните прашања се проблем за 7% ама Корупцијата - за 77% граѓани.
Пораката на "тројката" е "свилениот гајтан" за ваквите партии и медиуми. Таа потврдува дека уставните измени не се "бугарски диктат" туку процес кон граѓанска рамноправност според стандардите на европска Македонија, но не и на југословенско Скопје.
"Тројката" ни го потврди она на што веќе втора година предупредуваме:
1) Условите се од ЕУ, а не само од една членка и
2) Борбата против корупцијата, а за владеење на правото се саботира (и) низ избегнување на уставните амандмани.
Затоа транзициските политичари, бизнисмени и нивните медиумски, мрежно-ботовски и нво-загари со месеци рециклираа идеи:
- Македонија да потпише се и сешто, само да не почне ЕУ-преговори.
- Макар и територијални размени да има, само државна интеграција во ЕУ да нема.
Со сето ова во вид, мнозинството ќе се обидат да го премолчат најбитното: дека со "тројката" денес (посредно) укажа и на тоа колку свесно е ширена заблудата дека и спорот со Грција беше "само" билатерален.
И не' врати на коренот - свесно градената шизофренија на југо-медиумите/политичарите на Скопје од 1991-92 дека ПЈРМ сака полноправно членство во ЕУ и НАТО, ама се залага за - "еквидистанца".
Потребата да се заврши "полесното" за да одиме на суштинското беше првата причина пред пар недели да повикам Ковачевски да не калкулира со уставните измени и да ги пушти во процедура.
Ја насетувате втората: Низ процедурата за уставот ќе се покажат сите кои имаат потреба и задача да ги блокираат борбата со корупцијата, владеењето на правото, дејугословенизацијата и декомунистикацијата на Македонија - низ блокирање на уставните амандмани. И на патот кон членството во ЕУ.