Величковски: "Магницки" го означи "македонскиот Делјан Пеевски", а уставните дополнувања се - македонски диктат
23 јули 2023·Ивон Величковски

Неуспешниот обид за релативизација на ставањето на Камчев на американската "црна листа" покажа колкав е шокот на Старо Скопје.
Ова очекувано ги загрижи партиските раководства, медиумите и нивните коморски сопственици: Со ставањето на нивниот заеднички именител на "црната листа" - им завршува "раатот". Особено бидејќи процесот очигледно е регионален.
Сега е прашање колку брзо Владата, НБРСМ, банките... ќе го применат Законот за меѓународни рестриктивни мерки и врз неговиот (поврзан) имот. Но и врз досегашните имиња на "црната листа" и нивните имоти и финансии.
Истражувањето и процесирањето на обвинувањата за "политичкото чедо" и "угледниот стопанственик" за Црвенковски, Груевски, Георгиевски, Заев и Мицкоски - е "непријатна", а неизбежна обврска на МВР и правосудството.
Што ќе не наврати на "Рекет", ама и на 1Тв..., а и на случувањата и коруптивните врски уште некоја година наназад.
Под опсервација од двете страни на Атлантикот.
Корупцискиот сплет на политичари и југо-советски тајкуни (и) во овој дел од Европа е финансиер на безбедносните закани (и) кон делот од европскиот и евро-атланскиот простор каде припаѓа Северна Македонија. Затоа, прашањето е и безбедносно.
Оттука сите тие точно чувствуваат дека се "во мрак" - соочени со фактот дека Северна Македонија е во НАТО, ама дека и НАТО е во Северна Македонија.
Откако не успеа да го спречи членството во НАТО, југословенско Скопје мора да се обидува да не држи подалеку од ЕУ и ЕУ подалеку од нас. Со одложување на ЕУ-интеграциите, низ:
1. Попречување на уставните измени. За да одложи институционално лоцирање и санкционирање на корупцијата што се засилува со преговорите за секое, а особено поглавјето владеење на правото.
2. Одвојување на Северна Македонија од Албанија во почетокот на преговорите. За одново да ги антагонизира Македонците со сограѓаните, соседите и ЕУ.
3. Форсирање на поделбите во нацијата и меѓу македонскиот народ наместо интеграција на земјата во ЕУ.
На југословенско Скопје, "Република Македонска" му е поприфатлива од европска Македонија, а секој "спасен" тајкун и корумпиран политичар му е побитен од 10.000 иселени граѓани.
Како власта (ќе) смогнува сили да не го попречува процесот, притисокот на "старите долгови" (ќе) се враќа кон парламентарната опозиција. Затоа да си признаеме:
Лага е дека уставните дополнувања се по "бугарски" или "европски" диктат. Тие се македонски диктат - за рамноправност на и меѓу Македонците што ги обезсилува југо-тајкунските политичари, партии и нивните "газди" во една нова република.
Ова е причината зошто пратениците треба да го прифатат "македонскиот", а не партискиот диктат.