Нова република: Да го дополниме Законот за меѓународни рестриктивни мерки по итна постапка. Ако навистина сте за владеење на правото, борба против корупцијата и не „должите заштита“
24 јули 2023·Ивон Величковски

Откако оставивме скоро една седмица за покренување на ваква постапка, личи дека за ова не се заинтересирани ниту Владата ниту Собранието. Да имавме Претседател на Републиката наместо трет мандат на Иванов, тој веќе ќе беше предлагач на едно вакво решение.
Додека Владата „чека официјален допис од САД за Камчев“, партиите глумат дека се немоќни, медиумите и социјалните мрежи подгреваат потсмев, а „стручната јавност“ образлага зошто рестриктивните мерки не може да се спроведуваат...
Да бидеме иницијативни и „креативни“ - со конкретно решение
За да не губиме месеци во „формирање комисија“, па нејзино конституирање, па изработка на нацрт... како со едноставните уставни амандмани, ја "фрламе ракавицата":
„Во членот 2 од Законот за меѓународни рестриктивни мерки, по зборовите „почитувањето на човековите права и основните слободи“ сврзникот „и“ се заменува со запирка и се додаваат зборовите „борбата со корупцијата и“.
Во членот 2 од Законот за меѓународни рестриктивни мерки се додава нова алинеја г) која гласи: „правни акти на Соединетите Американски Држави“, а останатите алинеи се поместуваат за едно место надолу.“
Доколку сака, Владата преку Министерството за правда може веќе следната недела на седница да утврди ваков текст на дополнување на Законот со запазена номотехника, а Собранието да го усвои по скратена постапка, по потреба и на итна седница.
Ако не им се чека на Владата, текстот може да го предложат пратениците.
Ако решил да се занимава со својата функција, ете му работа на Претседателот на Републиката.
Ако сметаат дека корупцијата е безбедносна закана за Северна Македонија и разорна по владеењето на правото и доколку навистина ја одразуваат волјата на граѓаните – за ваквиот предлог ќе има надпартиски консензус од повеќе од 100 пратеници и Законот ќе биде објавен во „Службен весник“ веќе следниот месец.
Со ова ќе се овозможи „црните листи“ да бидат инструмент за помош од сојузник и стратешки партнер - инструмент на домашните истражни и правосудни органи што ќе користат податоци и докази според кои Камчев се најде на „црната листа“. А пред него Мерко, Груевски, Мијалков... Бошкоски, Георгиевски, Тачи...
И, секако, ќе овозможи „црнолисташите“ коишто две децении се под санкции од САД, да бидат санкционирани и во својата земја.
Но и да бидат лишени од противзаконските имоти и пари.
А доколку се започне со барања до земјите од каде имаат двојно државјанство – и од имотите и парите што ги имаат и таму.
Особено доколку РСМ побара овие лица да бидат ставени на „црната листа“ на ЕУ. За потсетување, „Магницки“ го имаат уште и Обединетото Кралство и Канада.
По една ваква операција и ветингот станува многу полесен и распространет, не само во политиката, туку и во медиумите, администрацијата, партиите... но и финансискиот сектор. Во кој веројатно како подготовка за неминовното, се подготвува нов „Закон за решавање на банки“.
Време е да се покаже кој е за владеење на правото, а кој за корупција.