НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Во обид да се прекинат македонските евро-интеграции: Олигархијата "на готовс", Пендаровски со Вучиќ "во строј"...

11 август 2023·Ивон Величковски
...со дел од Црквата и Мицковци - сите на број.
Канонадата против уставните дополнувања е замислена да го запре неминовното:
Уставните дополнувања ги продолжуваат ЕУ-преговорите -> Со преговорите јакне владеењето на правото -> Тоа го ништи (до)сегашниот пара-систем на олигархијата (правосуден, економски, финансиски) -> Без пара-систем нема пара-институции -> Институциите кои работат по закон се бескорисни за олигархијата и нејзините партии, медиуми, фирми... оти веќе не им гарантираат привилегии "по устав и закон".
Пара-системот функционира(ше) и по 1991, кога "менаџерите со чинови" откупуваа акции "по законот на Марковиќ". Но и по 2006, за да го заокружат монополот врз енергетскиот, банкарскиот пазар, индустриските капацитети и - зделките со Буџетот, под трустовска обланда на СКСМ.
Повеќе од три децении судирот во (Северна) Македонија е ист: на "системските", југословенските Македонци и нивните Албанци, Турци, Власи, Срби... - со граѓаните на (Северна) Македонија. И особено со Македонците.
"Олигархија" во Македонија е само претенциозен опис (на семејствата) на дузина тајкуни со пари од компаниите приватизирани "во транзицијата".
Бидејќи тие се само rent-a-face чувари на туѓ капитал, "коморски" и банкарски поврзани меѓу себе и преку партиите што им беа доверени на управување во 1990.
Падот на пара-системот денес е видлива последица на транс-атлантското безбедносно чистење влијанија во регионот финансирани од советските и југословенските "црни", тајкунски пари.
Но падот на пара-системот започна уште со Рамковниот договор (2001) бидејќи, инсистирајќи на граѓанска рамноправност, ја разоткри и:
- нерамноправноста меѓу Македонците и системските Македонци и
- правната нерамноправност пред југо-македонското правосудство устроено да штити пара-систем "по устав и закон".
Затоа олигархиските медиуми, политичари, академици и аналитичари низ тезите "ја продадоа државата на Албанците/Бугарите/Грците" и "Југославија беше држава" само пробуваа(т) да го реанимираат пара-системот кој ги штитеше само нив. А не Македонците.
Падот на пара-системот продолжи со Софискиот и Преспанскиот договор, кои меѓународната политика на Скопје ја вратија на односи меѓу држави.
Овие договори го разобличија олигархиски спонзорираниот југо-македонизам за кој Македонија е само територијален канал за пренесување на внатрешните судири од српската политика и општество во регионот.
Досегашните и очекуваните имиња на американската црна листа покажуваат дека ова е почеток, а не исклучок во пресметката со путинистичките "спијачи" во регионот. И во Северна Македонија. Олигархијата е изненадена и од поделбата меѓу про и анти-ЕУ/НАТО групациите во партиите што мислеа дека ги контролираат.
Албанците никогаш не го прифатија југословенскиот (ментален, партиски, економски) модел, а Македонците сфатија дека нема потреба да бидат заложници на одот на Србија кон признавање на независноста на Косово, кон соочување со изворноста на Црна Гора и кон поддршка на целовитоста на БиХ.
Затоа на олигархијата и преостана само обидот уште еднаш да ги антагонизира Македонците и со Албанците и со мнозинството Македонци кои не жалат по Југославија туку сакаат Европа тука и Северна Македонија во ЕУ.
Жално е што Пендаровски на 2 Август проба да и се приближи на оваа партиско-медиска и финансиска групација, во обид да си го зголеми рејтингот низ средба со Вучиќ. Штета е што врховниот командант и шеф на НАТО-членката Северна Македонија пропушти шанса Скопје јавно да го охрабри Белград да се приближи кон Западот (каде припаѓа).
На овој правец заталка и дел од МПЦ-ОА, за полека да се соочи дека сепак ќе треба да се врати на сослужување со Украинската православна црква и на добивање томос за автокефалност од Вселенската патријаршија.
Досегашните инвестиции на олигархијата во Мицкоски и Заев и нивните партиски камарили, како и во сите споменати "странични" играчи стануваат нефункционални. Оти ова веќе не е фудбал на "мали голчиња".