НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Активности и ПРЕС

Кому му одговара скандалот "Онкологија" да е политички побитен од брза и квалитетна истрага и судска пресуда? И кој со тоа ги штити тогашното раководство на Клиниката, но и тогашниот Министер за здравство?

3 септември 2023·Ивон Величковски
Ако Владата ја премолчеше Онкологија, тоа би било скандал. Ако Премиерот се вмешаше во водењето на истрагата, тоа би било злоупотреба на функцијата. Ако Министерот за здравство попречечеше истрага, тоа би било соучесништво во злосторот.
Бидејќи ситуацијата е спротивна, интересно е да се види зошто истрага што очигледно веќе траела подолго - а детали од неа читавме во медиумите и пред официјално да дознаеме дека "е во тек" - требаше да остане споредна вест поклопена со ред "странични афери", ред "барања за предвремени избори"?
Било потребно време или се утврдувала цена за пазар? Очигледно понудата не важи.
Интересно е, имено, што и по објавувањето на сториите остана обидот да се замагли времето на отпочнување на шемата со (шверц со) цитостатици. Па сомнежот се насочуваше де кон сегашниот, де кон претходниот министер за здравство. Едниот од Алијансата, другиот од Алтернатива. Но никако кон министерот за здравство Филипче од СДСМ кој ни по 14-те жртви во тетовската модуларна болница не поднесе оставка. И беше "покриен" од Заев со кого потоа беше "изненадно" реконструиран.
Дури и откако се констатира дека тогашното раководство на Клиниката за онкологија во 2017 го отстранило системот за контрола и чување на цитостатиците, остана тенденцијата на "јавноста" ова да се занемари. Но веќе не може.
Интересно, никој не ни помисли да го праша за став тогашниот директор на Фондот за здравство, Дончев, именуван од Владата на Заев, кој по аферата "Диамед" - си замина.
А потребно оти во покривање на трошоците за овие скапи, а неопходни лекови учествува ФЗО. Каде никого не интересирало (да контролира) колку/за кого тие се користеле.
За цитостатиците прашањето е и дали се увезуваат преку веледрогерии или преку "фамозниот" паралелен увоз воведен со законски измени во мандатот на Тодоров. Кому, види чудо, советник му беше Филипче.
Интересно? Не, повеќе провидно: аферата што требаше да остане временски ограничена на кабинетот на Ковачевски очигледно се враќа во мандатот на Заев. А можеби и малку порано...?
Обвинителството на Јовески (именуван од Владата на Заев), компромитирано и со истражувањето на ИРЛ поради обидот да го игнорира германското вештачење и 14-те изгорени пациенти да му ги припише на "кабелот" сега е под уште поголем притисок - да изнедри одважен обвинителски тим што ќе ја истера истрагата до крај. А потоа очигледно и другите истраги.
И како станува јасно дека пропаѓа обидот за реанимација на олигархиско-партиското партнерство - што медиуми веќе го исцртаа меѓу Коморските (вклучително фармациски) бизнисмени со сегашното лидерство на ВМРО-ДПМНЕ и поранешното на СДСМ - така гневот не оди кон една партија или лидер, туку кон секој еден што ја спречува правдата.
Но не и кон оној што институционално и лично ја овозможува.
Затоа што сакале да си признаеме или не - и во Тетово и на Онкологија - станува збор за убиства. Од алчност и корупција.