Величковски: „Намалување на казните за злоупотреба на службената позиција: Се уште верувате дека уставните промени нема да бидат донесени?“
6 септември 2023·Ивон Величковски

Да, овие законски измени не се баш нови. Попрецизно, беа предлагани порано од ВМРО-ДПМНЕ. И критикувани од СДСМ. Затоа, да го кажеме јавно она што никој не сака да го каже.
На застарување на делата се надеваат сите осомничени од Владата на Заев наваму.
Но и од Владата на Груевски пред Заев.
Сите обвинети во делата уште од СЈО.
Оние чии предмети се во тек, а би застариле со законските измени. И оние веќе процесуираните и ефектуираните, бидејќи при промена на законските одредби, се применува поповолната за обвинетиот.
Затоа, пред да побрзаме со заклучокот дека од ова профитираат "овие", да се потсетиме дека профитираат и"оние" пред нив. А "овие" и "оние" заедно се двотретинско мнозинство за уставни измени.Што ни се потребни нам, за да ги надминеме блокадите кон преговорите со ЕУ - поставени од делови од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ (сосе Левица) токму за да се стигне (и) до овој пазар.
Затоа, пред да врескате по социјални мрежи и да ги "лапате јадиците" што во форма на "остри и непоколебливи" соопштенија и "скандалозни транспаренти" ќе ви ги сервираат од "опозицијата", помислете како бевте искористени лани со протестите против "Францускиот предлог" - искористени за "меѓупартиски преговори" и "политички дијалог" од кои произлегуваат (и) овие измени на Кривичниот законик.
Коректно е во оваа прилика да упатам комплименти за тактот на најголемиот добитник од процесот - Никола Груевски, кој "ни лук јал, ни лук мирисал", како и за Димитар Ковачевски, кој ја најде точката на топење на дружбата Заев-Мицкоски со олигархиско-коморско спонзорство.
Имено, во оваа дружба Мицкоски беше малцински акционер, што сега може само да чека кога и како Груевски ќе го отстрани од позицијата извршен директор на АД ВМРО-ДПМНЕ.
Како вели старата поговорка, "секое зло е за добро"?
Со почетокот на преговорите и разработувањето на правосудството и МВР, ќе видиме многу нови, незастарени случаи. Впрочем, Капоне не беше осуден за убиствата што ги вршел, туку за затајување данок.