НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Активности и ПРЕС

Честит Ден на независноста... или поточно, Честито соочување со независноста

8 септември 2023·Ивон Величковски
Читав многу честитки за Денот на независноста по социјалните мрежи. Честитки со задршка за она што не ни се допаѓа во нашата независна држава.
Со многу самосожалување и без верба дека секој од нас заедно со истомислениците може да стори нешто за да се подобри состојбата.
Затоа и вака некако се одбележува празникот - со задршка. Небаре во духот на посакување на вториот дел од референдумското прашање.
Колку да се одбележи. А не да се празнува. Независноста.
Дозволете си да се охрабрите. И да не потпаѓате под туѓата потреба за наша малодушност.
Како што нашите родители на 8 Септември пред 32 години не потпаднаа под пропагандата дека сме немоќни, неспособни за независност или мали. Дека "без Југославија Албанците и Бугарите ќе не поделат". Дека "Западот не не' сака".
А исто им ја сервираа во обилни дози. Како малодушноста денес нам.
Затоа што веруваа дека Македонија е држава. На рамноправни граѓани.
Затоа што прифатија одговорност.
И денес ја славам нивната доверба во себе и нас, следните генерации.
Денес всушност е нашиот празник. Поголем од Илинден. Затоа што двата од 1903 и 1944 беа идеали на слободата, а 8 Септември 1991 беше реализација на целта.
Ја разбирам потребата на некои да сервираат малодушност.
Затоа што им се прекршуваат домашните убедувања дека само државата во која тие ќе бидат "порамноправни" од сите останати е добра. Но тие се малцинство што од 1945 владее убедувајќи не дека не сме способни за подобро.
Тие велат дека тогаш имаше ред, воспитание и образование.
Аха, "видовме". Нивните образовани, воспитани, "фини деца" од тоа време:
- направија криминална транзиција,
- го упропастија јавното здравство кое ги убива пациентите,
- го "реформираа" јавното образование кое произведува функционално неписмени,
- пишуваа закони за уништување на владеењето на правото и институциите,
- сега сакаат да не држат на страна од ЕУ.
Сакате да им верувате? Јас не.
Изборот и 1991 и сега е наш. Не на некој од надвор.
Денот на независноста е ден на соочување со нашата сопствена одговорност кон себе и сите околу нас.
И на дејство. Да ги подобриме економијата, здравството, образованието, владеењето на правото...
И на тој начин - да ги надвладееме оние што 32 години дејствуваат против нас сите. И четири и пол децении пред тоа.
Ивон Величковски, Политички лидер на Движењето за нова република