НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: „Подгорички“ или покајнички клуб?

14 октомври 2023·Ивон Величковски
Се надевав дека денес Црвенковски ќе каже дека скапо не' чини пропуштената шанса за "Република Македонија (Скопје)" во 2008 оти:
- ни го одложи НАТО членството 20 години, и
- ни го запре ЕУ преговарачкиот процес,
...поради што Хрватска сама продолжи кон ЕУ, а ние утешно станавме "лидери во регионот".
И дека поучени од искуството треба да ја искористиме шансата што ни е на располагање. Но и дека секој следен "предлог" ќе биде потежок, а загубеното време - ненадоместливо.
Да се потсетиме, по "букурешкиот шок" и рефлексните предвремени парламентарни избори (2008) власта на ВМРО-ДПМНЕ се зацврсти низ претседателските/локалните (2009). И потоа Македонија потона во статус на заробена држава.
Откочувањето на процесите дојде по 2016, со целина од три документи: Тиранската платформа, Софискиот и Преспанскиот договор. А РМ стана РСМ.
За жал, Црвенковски денес се определи да ги ги повтори тезите, парафразирано, "ЕУ дај ни пари за ние да си глумиме реформи како и до сега(?!), па некогаш можеби ќе се видиме на главна каса". Тези што лани ги изложи пред Советот на амбасадори, олигархијата низ медиумите се обиде да ги промовира, а општеството ги презре.
Ништо ново? Не, напротив.
Неспротивставувајќи се на кажаното, Пендаровски де факто ги прифати тезите на Црвенковски.
Со тоа, 2 фактори произлезени од СДСМ од кои еден активен институционален - на 2 дена пред Самитот на Берлинскиот процес (кој и финансиски и методолошки го движи целиот регион кон ЕУ, а не само 3 земји во "Отворен Балкан") - фактички се обидоа да го ограничат евроинтегративното политичко дејствување на Премиерот Ковачевски кој е од - СДСМ.
И истите 2 фактори на тој начин посредно, а јасно ја игнорираат и поддршката од европските центри и од Вашингтон за македонските евроинтеграции.
Неочекувано од Црвенковски кој имаше храброст и визија да ја прифати референцата "ПЈРМ" 1993 и во 1994 убедливо победи на изборите, заедно со проевропските политички сили, нудејќи стабилност на државата низ решавање на споровите и просперитет на граѓаните низ интеграциите.
Особено бидејќи кон тоа е насочена и актуелната влада.
Или токму тоа е причината?!