НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Дали размислуваме да си инвестираме во енергетската стабилност, како основа за одржливо производство? Следиме ли какви можности ни се отвораат во соседството? И имаме ли капацитет нешто да испланираме?

28 октомври 2023·Ивон Величковски
Намерно затапената партиска дебата за односите со соседите 30 години со децении беше ограничена на "прашањето за името".
Сега се џвакаат "уставните промени".
Во ера кога на чело на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се кадри кои се добро запознати/пласирани во областа на производство/тргување на електрична енергија (натаму: струја), ниту Ковачевски ниту Мицкоски не го споменуваат претстојниот мега-проект во соседна Бугарија:
Изградба на нов(и) блок(ови) во Нуклеарната централа "Козлодуј".
Покрај заедничкиот молк на двете партии по прашањето на проектот "Чебрен", свесни дека РЕК "Битола" се помалку ќе биде (еколошки одржлив) рентабилен производен капацитет за струја, никој од власта ниту од опозицијата не пројавува интерес Северна Македонија да инвестира во производни капацитети во соседството.
Е па, да го отвориме прашањето: Американската "Westinghouse" која со технологијата АР1000 веќе има изградено по една централа во САД и Кина и сега планира во Бугарија да гради 7 блок во НЦ "Козлодуј". За влезот на оваа технологија на своја територија е заинтересирана и Украина. Со овој проект во Бугарија, ова ќе биде прв влез на новата американска технологија во ЕУ.
Преку државната компанија што оперира со НЦ, широко-коалиционата Влада на Денков инвестира 250 милиони евра во проектот до капацитет од 1150 мегавати, што треба да се комплетира во 2033. Осмиот блок е веќе предмет на преговори со кој "Козлодуј" ќе произведува вкупно 2300 MW, капацитет на НЦ поголем од четирите затворени блокови кои користеа застарена руска технологија.
Ова производство е дополнително кон производството на струја од обновливи извори, а ќе се изведува во областа што веќе има и инфраструктурни и кадровски капацитети согласно досегашната пракса на НЦ.
Грчкиот премиер Мицотакис во јули годинава веќе го потврди интересот на Грција за инвестирање во реакторите, со можност за 20-годишен договор за набавка на струја врз основа на инвестицијата.
Имајќи ја предвид македонската енергетска зависност, а особено конкурентноста на домашниот производ од овој инпут, повикувам на консензус Северна Македонија да се подготви да инвестира во овој проект во соседството и да го изрази државниот интерес да влезе во негова реализација:
- за стабилна енергетска состојба за потребите и на економијата и на домаќинствата,
- за дополнително енергетско вмрежување по одржливи цени што ќе ни го овозможат економскиот раст низ конкурентност на македонскиот производ зависен од цената на струјата.
Да, тука нема провизии за партиски-врзаните фирми за ископ во РЕК-от. Нема ниту држење на Северна Македонија во енергетска зависност, ниту можност за шпекулантски профит на дистрибутивните фирми.
Затоа не е интересно за партиите.
Но битно е за енергетската и економската состојба на нацијата.
Ова е политика, почитувани. Со поглед на потребите деценија однапред.