НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Активности и ПРЕС

Величковски за пораките на Фон дер Лејен до Скопје: Стоп за статичната вокабуларност на СДСМ и агресивниот фиромизам на ВМРО-ДПМНЕ

30 октомври 2023·Ивон Величковски
За почеток, отсуството на посериозни пораки од нејзината протоколарна средба означи колку Пендаровски е слабо употреблив како лик и како институција и за нашите ЕУ интеграции.
Имено тој можеше, но свесно не придонесе кон градењето национален консензус за спроведување на обврските од минатото лето. И изминатите две седмици продолжи со индиферентност кон потребните уставни дополнувања во медиумските настапи.
Од тонот на средбите и пресот Фон дер Лејен - Ковачевски се гледа дека се уште има надеж дека процесот ќе продолжи, но и дека тој е многу повеќе од собраниски одлуки и скрининг.
И дека во моментот владиното мнозинство и СДСМ е препознато како вербално расположлива, но сепак недоволно убедлива групација на политички субјекти. Бидејќи од нив и нивните функционери се очекува да го сторат потребното за нацијата по цена на темелни општествени, економски, политички и системски промени - што ќе ги ослабне партиите, а ќе ги зајакне институциите.
Во однос на ВМРО-ДПМНЕ, пораката не е во тоа дали ова раководство се сретна со претседателот на ЕК, туку во игнорирањето на соопштенијата на Мицкоски за "безусловни преговори".
Бидејќи сите знаат дека преговорите се процесно врамени уште од јули 2022 и сега се дел од финансиско-методолошката целина на Берлинскиот процес, пораката на овој ignore е прецизно упатена кон Мицкоски.
Но посредно и кон Ковачевски:
1. Брисел не влегува во дневно-локалните игри меѓу партиските центри за односи со јавноста.
2. Ако Македонија сака во ЕУ, повелете, ако не - чмајте си мислејќи дека со партиски трикови ќе стигнете далеку. Македонците и сите останати и онака ќе се интегрираат во Унијата:
- како граѓани на Северна Македонија или
- како гастарбајтери од Македонија.
3. До сега од ЕУ дадени се помошти од 3,3 милијарди евра само за Северна Македонија. Да, огромен дел не се почувствувани од граѓаните поради самата евробирократија, но особено поради клептоманската спрега на партии, медиуми, невладини... Но морализирање може за свои, а не со туѓи пари, нели...?
Затоа, ви предлагам да повлечеме линија, да избереме да го изодиме патот и од него да не отстапуваме иако ќе личи дека е тежок. Оти подеструктивно од тешкиот пат е седењето на едно место со закопана глава во песок. И за ова да ги направиме сите потребни кадровски и политички сојузништва кои се различни од класичните партиски линии на поставеност и соработка.
Бидејќи Брисел неволно согледа дека неговите пулени овие два-триесет години само не оддалечуваа од Европа, сега нема да биде одбивен кон сите нас што сме за Северна Македонија - членка на ЕУ, а не за ПЈРМ - ориентална гранична територија.