НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести

Претседателство, XII седница: Едносменската настава – ново „Кембриџ“ промашување

8 октомври 2026·Нова Република
Претседателство, XII седница: Едносменската настава – ново „Кембриџ“ промашување

Соопштение по Дванаесеттата седница на Претседателството на НоРа:

Министерката Јаневска најави едносменска настава и целодневен престој на учениците во училиште од 8 до 16.30 часот (редовна настава, слободни активности, секции, домашни задачи). Концептот го најави „по пример од развиените земји“.

За почеток, нејзината „нова концепција“ е во судир со:

➢ Правото на избор во прво одделение, кога родителите писмено се изјаснуваат каква настава ќе посетува детето (класична или целодневна);

➢ Правото на одмор на децата. Со деветолетка децата одат во училиште со наполнети 5.5 (или 6) години. Ним им е потребен дневен одмор. Со новата „концепција“ школото (недозволиво) наликува на интернат;

➢ Самиот Закон за основно образование од 2019 г. (каде се третира и инклузијата на децата со пречки во развојот и атипичен развој).

Со новата „концепција“, на учениците им се додаваат уште часови престој во училиште. Од медицински, педагошки, психолошки и човечки аспект ова е недозволиво.

Според НОВА РЕПУБЛИКА и оваа „реформа“ е без анализа и изјаснување на родителите, стручните служби и наставниците.

Со години „тековни“ проблеми во основните училишта се недоволна ИТ-опрема и интернет-врска. ИКТ-презентациите и сега тешко се реализираат. Недоволен е бројот училишни фотокопири и печатачи. Ретко има нов инвентар, освен за првачињата. Нема нови учебници за сите ученици (освен од 1-3 и 8 одделение).

Новиот „концепт“ според НОВА РЕПУБЛИКА носи дополнителни предизвици:

- Во училниците најчесто нема климатизери и прочистувачи на воздух;

- Тоалетите најчесто се со стари санитарии и недостиг на хартија и сапун;

- Ретки се училишните објекти со лифт за ученици со попреченост;

- Нема бесплатен топол оброк или ужинка за учениците. Децата треба да седат гладни во училиште?

- Како ученик ќе планира учење/повторување на материјата при 8 часа престој во училиште? Илустрација: ученик во седмо одделение има 15 предмети и 32 часа неделно.

И во богатите земји концептот на престој во училиштето не е сосем ваков (пр. Швајцарија). Словенија, пак, од следната учебна година се враќа на осмолетка со нови квалитетни програми, оценување, национални тестирања.

Наместо copy-paste конфузни стратегии и концепти – Северна Македонија може да пристапи кон изворниот модел на десетолетка или да се врати на осмолетката.

Експериментите во образованието не чинат прескапо и ресурсно и човечки.