НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести

Прва годишнина на НоРа: Закон за проширена конфискација

13 септември 2026
Прва годишнина на НоРа: Закон за проширена конфискација

По повод една година од основањето, НОВА РЕПУБЛИКА одржа прием во Канцеларијата на Националниот одбор. 

Во обраќањето претседателот Величковски подвлече 5 итни и темелни решенија: 

- Инвестиција во нуклеарните реактори во соседството за поевтина струја за бизнисот и домаќинствата, наместо брза железница - новото „Скопје 2014“; 

- Примена на Преспанскиот договор и Преговарачката рамка, за европеизација на нацијата, наместо демографска „анадолизација“; 

- Еднократен (ре)избор на судии и обвинители во Собранието за успешна борба со корупцијата низ судство и обвинителство со интегритет; 

- Фокус на поврзувањето по Коридор 8 и рехабилитација на железничката инфраструктура по Коридорот 10 наместо прекумерно градење, и 

- Редукција на државната и јавната администрација: Во ера на дигитализација, нема место за прекубројна администрација. 

Новата Република значи Северна Македонија просперитетна и продуктивна држава, наместо квази-социјална. 

НоРа со повик до партиите кои не се во коалиција со традиционалните партии 

„Пред нас – мнозинството непретставени – е можноста како партии, граѓани, независни листи и платформи со национална, граѓанска, претприемничка, ЕУ и НАТО ориентација да се организираме. Ние на принципи и интерес на нацијата – тие за профит од јавните буџети. За да ги победиме – треба да сме обединети и организирани. Затоа повикуваме на процес низ рамноправност, инклузивност и граѓански и политички активизам.“

Видеото од обраќањето на претседателот Величковски може да го проследите на следниот линк https://youtu.be/GAxvHqJx0QM

Во продолжение, целото обраќање:

„Почитувани дами и господа, членови и поддржувачи на НоРа, ценети гости,

На 21 август лани го одржавме Основачкиот конгрес на НОВА РЕПУБЛИКА.

Предвесник на партијата на националниот центар беше Движењето за нова република што го започнавме на 11 Октомври 2021 година во Велес.

Нашата мисија е:

Компактна и успешна нација на Северна Македонија во која секој ги остварува своите лични и колективни права и безбедна и просперитетна држава интегрирана во ЕУ и доследен сојузник во НАТО.

Затоа перманентно се залагаме за владеење на правото засилено со: ветинг во судството, партиите, службите, дипломатијата, медиумите, администрацијата; отворање на архивите на југословенските тајни служби; проширена конфискација на криминалниот имот согласно закон; проширен опфат на рестриктивните мерки од САД, Обединето Кралство, Канада заедно со европските; законско уредување на работењето со крипто-валутите.

Владеењето на правото го гарантира редот и овозможува просперитет низ претприемништво и инвестиции од земјата, ЕУ и пошироко.

Нашата олигархија и нејзините партии во Собранието се спротивставени на овој концепт. Затоа тие одржуваат: Неконкурентност низ административни бариери кон бизнисот; Деиндустријализација низ економија втемелена на канабис и игри на среќа; Банкарски и финансиски систем во служба на нефункционалната економија; Изборен модел што ја спречува претставеноста, и Авто-блокада на ЕУ-интеграцијата.

Нивната намера е статус-кво за да ги одржат привилегиите на десетина семејства. Нашиот одговор е: „Слобода, ред, просперитет“ за македонскиот народ и нацијата на Северна Македонија со: Одговорно управување со институциите за транспарентност на јавните буџети, Еднаквост пред законот и Инвестиции во семејни мали и средни компании за производи и услуги конкурентни и дома и (во синџирот на снабдување) на западните пазари. 

Економијата, безбедноста и владеењето на правото се поврзани.

Застапуваме и темелни решенија од кои издвојувам неколку:

1. Буџетска инвестиција и сопственички удел на Северна Македонија во нуклеарните реактори во Бугарија. Сакаме поевтина цена на електричната енергија за бизнисот и домаќинствата, наместо проектот „Брза железница“ – новото „Скопје 2014“;

2. Доследна примена на Преспанскиот договор и Преговарачката рамка. Целта ни е европеизација на нацијата, наместо демографска „анадолизација“. Целта е Северна Македонија во бранот на ЕУ-проширување со Црна Гора, Албанија, Молдавија.

Ако парламентарната опозиција остане лојална кон власта наместо кон граѓаните – нема да ги поднесе уставните дополнувања во Собранието во следните три месеци. Тогаш ќе мора ние да го иницираме процесот на собирање 150.000 потписи во 2027 година;

3. Еднократен реизбор на судии и обвинители во Собранието. Успешната борба со корупцијата бара судство и обвинителство со интегритет. Корупцијата ги „негува“ источните влијанија во земјата и во регионот – и го штити нелегалниот капитал;

4. Фокус на железничкото и патното поврзување по Коридор 8 и рехабилитација на железничката инфраструктура по Коридорот 10 наместо прекумерно градење во урбаните центри, девастација на земјоделското земјиште и зафаќање на водите;

5. Редукција на државната и јавната администрација. Во ера на дигитализација, нема место за прекубројна администрација.

Новата Република значи Северна Македонија просперитетна и продуктивна држава, наместо квази-социјална.

Собраниските партии се во неформална, но видлива коалиција за ништо да не се промени. Пред нас – мнозинството непретставени – е можноста како партии, граѓани, независни листи и платформи со национална, граѓанска, претприемничка, ЕУ и НАТО ориентација да се организираме.

Ние на принципи и интерес на нацијата – тие за профит од јавните буџети. За да ги победиме – треба да сме обединети и организирани. Затоа повикуваме на процес низ рамноправност, инклузивност и граѓански и политички активизам.

Дами и господа, во име на Националниот одбор и во мое име, ви благодарам на можноста заедно да ја одбележиме годишнината од почетокот на нашата мисија.

За многу вакви поводи, за успеси, за европската нација на Северна Македонија. За НОВА РЕПУБЛИКА.