Соопштение: Новиот „концепт“ на настава не води сметка за децата со посебни потреби

Новиот концепт (стратегија) за едносменска настава според кој учениците би престојувале во училиштата од 8 -16.30 часот (редовна настава, слободни активности, секции, домашни задачи) е во директен судир со инклузијата на децата со пречки во развојот согласно Законот за основното образование од 2019 г.
Дали при изработката на истиот беа консултирани училишните дефектолози, образовните и личните асистенти, наставниците, професорите од ресурсните центри, професорите од Катедрата за дефектологија? Очигледно не!
Инклузивното образование во Северна Македонија се применува од 2019 г., „Д-р Златан Сремац“ и „Иднина“ се трансформираа во основни училишта со ресурсни центри (од учебната 2021/22 г.) и повеќе функционираат како стручна поддршка на основните училишта во кои се вклучени учениците со попреченост.
Во основните училишта се запишуваат и деца со атипичен развој како и деца со развојни предизвици. На сите нив најмногу им е потребна помош, поттик, насока и поддршка од училиштето и средината.
А новата „Концепција“ за едносменска настава и целодневен престој ќе го усложни токму нивното адаптирање и функционирање.
За oвие деца постои флексибилност при наставата - можност наставниот час да се скрати. Работат според изработен индивидуален образовен план согласно модифицирана програма. Според личните можности, најчесто посетуваат настава во класична паралелка, а само мал дел се во целодневна настава со овозможување почести паузи во текот на самите часови.
Новата „концепција“ ги става во „процеп“: ако заминуваат многу порано ќе се двојат од соучениците и ќе се чувствуваат дискриминирани (и тие и нивните родители), а прашање е колкумина од нив можат да издржат престој од над 8 часа во училиште.
Очекуваните несакани ефекти може бидат од невнимание, преку хиперактивност и напнатост, до страв и агресивност. Тоа е проблем во најава и за нив и за нивните соученици.